Веста за смртта на холивудската актерка Сондра Лок, една од најголемите љубови на актерот Клинт Иствуд, е објавена дури месец дена подоцна. Медиумите денеска објавија дека таа починала во својот дом во Лос Анџелес.
Актерката наводно долго време боледувала од рак на коските. Таа првпат се појви во филмот „Срце е осамен ловец“ од 1969 година, а беше и номинирана за „Оскар“ во категоријата за најдобра женска споредна улога.
Има снимено голем број филмови, но јавноста најмногу ја памети како партнерка на Клинт Иствуд, со кого беше 14 години во врска. Клинствуд и Сондра беа заедно од 1975 година до 1989 година, а љубовната романса заврши со нејзини обвинувања кон Иствуд за постојаните афери.
Иствуд досега во сите негови бракови е познат како човек кој бил склон кон неверството. Лок исто така го тужела и филмското студио „Ворнер брос“, тврдејќи дека поради бурното раскинување, тие ја саботирале нејзината кариера. На крајот спорот беше решен со спогодба.
Здравствените проблеми за Сондра почнале далечната 1990 година, кога заболела од рак на дојката. Таа прифатила да ѝ биде направена мастектомија и била подложена на хемотерапија.