Американската пејачка Тина Тарнер, по шест децении одлучи да се повлече од јавната сцена. Таа тоа го објави во нејзиниот најнов документарец во кој зборува за нејзините успеси и популарност кои ги стекнала во кариерата.
Кралица на рокенролот, како што беше нарекувана 81 годишната пејачка, во својот последен документарец реши да се збогува со обожавателите и да им се оддолжи на својата верна публика која беше со неа постојано во изминатите 60 години.
Таа сними документарец за „HBO“, во кој им се обрати на сите фанови и објасни дека во нејзиното последно трето поглавје од животот, ќе влезе без рефлекторите. Таа раскажа за нејзините почетоци во кариерата, моменти кои биле исполнети со тага и болка, за нејзините љубови.
Откри дека страда од посттрауматски стрес, за моментите кога преживеа мозочен удар и за нејзината борба против ракот. Раскажа и за последица од семејното насилство кое го претрпела долг период додека била во брак со Ајк Тарнер.
„Нема друг начин како да ја раскажам оваа приказна. Трпев многу малтретирања, но, тоа е реалноста. Тоа е она што го добив во животот и што морав да го прифатам. Ова не беше убав живот за мене. Кај мене доброто не го надмина лошото“, изјавила Тина.
По бракот со Ајк, Тарнер среќата ја пронајде кај Еврин Бах. Двајцата беа заедно во средината на 1980-тите години. И тој зборува во документарецот и објаснува како Тина побарала од него да сними документарен филм со кој ќе се прости од фановите.
„Тина ми рече „Ајде да одиме во Америка, сакам да се простам од моите фанови. Да им кажам збогум и да им се заблагодарам за сè и тоа ќе биде мојот крај. Моето последно збогување“, открил тој.
За потсетување, животот на Тина Тарнер беше прикажан и претходно, прво во нејзината автобиографија од 1986 година „Јас, Тина“, а потоа и во биографскиот филм од 1993 година, во кој улогата на Тина ја толкува Ангела Басет.