Шкотскиот актер Роби Колтрејн, кој го играше Хагрид, еден од омилените ликови во филмовите „Хари Потер“, почина на 73-годишна возраст. Актерот починал во болница во близина на Фалкирк, Шкотска, пишува „Би-би-си“.
Со улогата на Хагрид, чуварот на клучевите и имотите во Хогвортс, но и еден од пријателите на Хари, Хермиона и Рон, тој стана популарен ширум светот и заработи милиони. Исто така глумеше и во филмовите за Џејмс Бонд „Златно око“ и „Светот не е доволен“.
Колтрејн имаше долга и богата кариера, а неговите пријатели и актерите од „Хари Потер“ се простија од него на социјалните мрежи, па го опишаа како забавен и мил човек.
Многу обожаватели, пак, беа изненадени кога актерот лани се појави во инвалидска количка на специјалниот јубилеј по повод 20-годишнината од снимањето на првиот филм за волшебникот од Хогвортс.