Почина легендарниот актер Жан-Пол Белмондо, ѕвездата на легендарниот филм „До последен здив“ на Жан-Лик Годар. Беломондо, кој почина на 88 години, стана еден од најпрепознатливите актери во Франција поради сплесканиот нос и искривената насмевка.
Кариерата на Белмондо траеше 50 години, а во шеесеттите отелотвори нов тип на машка ѕвезда. Па, така, класичната убавина ја замени со мажественост. Глумеше во над 80 филма , а работеше со исклучително познати француски режисери, од Франсоа Трифо до Клод Лелуш.
Неговиот неконвенционален изглед, од сплескан нос, полни усни и мускулеста градба, му овозможи да игра секакви улоги, од насилник до полицаец, од крадец до свештеник…
Актерската кариера ја почна во мали провинциски театри, а во Париз во 1958 го забележа надежниот режисер Годар, кој го повика да игра во краток филм. Белмондо не го сфатил сериозно. „Зборував со жена ми и таа рече, прифати, ако те малтретира, урди му ја една“, раскажа тој во интервју во 1999.
Првата улога му беше во 1960 во „Пресметај го сиот ризик“ на Клод Соте. Истата година играше во „До последен здив“, кој го најави францускиот нов бран. Белмондо во овој филм играше со американската актерка Џин Сиберг. Играше и во „Модерато кантабиле“, „Картуш“ и „Лудиот Пјеро“ а во 1988 освои „Цезар“ за „Патека на разгаленото дете“ на Клод Лелуш.