Почина пејачката Мери Вилсон, која ги создаде легендарните „Супримс“

Пејачката Мери Вилсон, која со Дајана Рос и Флоренс Балард ја создаде легендарната група „Супримс“ кога имаше само 15 години, почина во нејзиниот дом во Лас Вегас. Пејачката имаше 76 години. Долгогодишниот публицист на Вилсон во изјава за американските медиуми рече дека смртта на пејачката била ненадејна и дека околностите допрва треба да се разјаснат.

Првично познати како „Приметес“, членовите на групата „Супримс“ потпишаа договор со музичката куќа „Мотаун рекордс“ во 1961 година. Првиот хит When the Lovelight Starts Shining Through His Eyes е објавен во 1963 година, а потоа тие станаа најголемите sвезди на тогашната аренби сцена. „Супримс“ и денес се смета за една од најуспешните групи на сите времиња.

Заедно со колегите Балард и Рос, Вилсон пееше во сите 12 мега хитови што „Супримс“ ги издадоа помеѓу 1964 и 1969 година, вклучувајќи ги и Love Child, You Can’t Hurry Love, Baby Love, Stop! In The Name Of Love, Where Did Our Love Go?, You Keep Me Hangin’ On, Come See About Me, Stoned Love.

Откако ја напушти групата, Мери Вилсон издаде два соло студиски албуми, а напиша и четири книги.

На 6 февруари пејачката објави видео на својот јутјуб-канал во кое кажа дека работи со компанијата „Јуниверзал мјузик“ за да издаде соло материјал, вклучувајќи необјавен албум наречен „Ред Хот“, кој го снимаше во седумдесеттите години.

Scroll to Top