Ренатa Блауел, поранешната сопруга на Елтон Џон, го тужи познатиот музичар и бара 3 милиони фунти, бидејќи тврди дека тој го прекршил договорот и условите за нивниот развод, откако во автобиографијата Rocketman го спомнува нивниот брак.
Ренатa Блауел се омажи со Елтон во 1984 година, а се разведоа четири години подоцна. Тие бракот го завршија со спогодба благодарение на која таа стана побогата меѓу пет и десет милиони фунти.
Според британски „Сан“, Рената ја доставила целата документација до Врховниот суд затоа што Елтон (73) го прекршил договорот. Поради тоа, нејзината ментална состојба се влошила, и тоа е затоа што тој го споменал нивниот брак во неговата автобиографија. Дури се наведува дека таа своевремено побарала забрана за објавување на Rocketman во 2019 година.
Според судските записи, Елтон се согласил да отстрани некои делови пред објавувањето на книгата лани. Сепак, во книгата стои негово жалење што го скршил срцето на неговата поранешна сопруга, која ја запознал додека работеше на албумот Too Low for Zero во 1983 година.
„Елтон е во шок и го растажи барањето на Рената, особено затоа што тој имаше само убави зборови за неа и ја пофали. Отсекогаш имал многу искрен однос со неа, ја почитува и никогаш не открил ништо од нивниот брак. Тој се надева дека таа ќе ја разбере смислата на сè и ќе се откаже од тужбата“, велат извори блиски до него.
Во 2005 година, Елтон стапи во граѓанско партнерство со Дејвид Фурниш. Двојката официјално се венча во 2014 година, откако истополовите бракови станаа легални во Англија и Велс, а парот има два сина.
Ренатa се пресели во Германија во 2001 година, а наводно купила куќа во Лондон со нејзиниот нов партнер, но досега не претстојувала таму.