Актерката Шанен Доерти која почина денес на 54-годишна возраст, девет години се бореше со рак на дојка. Во својот поткаст, во април годинава, таа објасни дека сака да реши многу работи пред да почине за да ја спаси мајка си од дополнително страдање.
“Мој приоритет во моментов е мајка ми. Знам дека ќе ѝ биде тешко ако умрам пред неа. Бидејќи ќе ѝ биде тешко, сакам да ѝ олеснам некои работи. Не сакам да најде многу работи со кои ќе треба да се справи после тоа. Не сакам да има четири складишта полни со мебел“, кажуваше актерката.
Таа низ солзи опиша како се чувствувала додека си ги пакувала работите.
“Па, бевме во Тенеси и таму се пакував. Беше многу тешко и многу емоционално бидејќи се чувствував како да се откажувам од мојот сон да го изградам тој имот, да изградам куќа за себе и куќа за мајка ми и потоа да ја проширам шталата. Се пакував и почнав да плачам. Се чувствував како да се откажувам од сон. Што значеше за мене? Дали тоа значеше дека се откажав од животот? Мајка ми ми кажа дека не морам да го правам тоа, и реков – морам”, рече актерката.
Потоа донирала многу работи и антиквитети кои ги собирала со текот на годините кои би можеле да ја заморуваат нејзината мајка.
“Морам да ја земам мајка ми на одмор бидејќи ги имам сите овие дополнителни пари за играње и нема да копам во парите кои се во мојот имот. Со нив ќе бидат згрижени сите во мојот живот откако ќе умрам”, кажа Доерти во нејзиниот поткаст “Да бидеме јасни”.
Актерката пред четири години кажа дека подготвува проштални писма за своите најблиски, изјави дека пронашла и песна што сака да ѝ се свири на последното збогување, песната „Tears in Heaven“, а го одбра и фустанот за погреб.
Рак на дојка и беше дијагностициран во 2015 година.