Британскиот принц Чарлс конечно ја запозна едногодишната внука Лилибет, ќерката на принцот Хари и Меган Маркл. Идниот британски крал не ги криел емоциите и бил возбуден за време на средбата, пренесоа британските медиуми.
Со оглед на тоа дека малата Лилибет е родена во Калифорнија, а семејството го посети кралството дури овој јуни, принцот Чарлс бил многу возбуден што конечно можел да ја запознае, пишуваат тие.
„Принцот и војвотката Камила беа пресреќни кога ги видеа Лилибет и Арчи. Мина многу време откако Чарлс го немаше видено Арчи, кој сега е голем дечко, па многу беше среќен, а особено стана емотивен кога ја виде внуката Лили“, откри извор за британските медиуми.
Меган и Хари пристигнаа во Лондон со децата за да присуствуваат на платинскиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора.
Иако не се задржаа премногу, тие останаа доволно долго за ќерка ѝ ја запознаат со поголемиот дел од семејството, а бидејќи не беа обврзани да дојдат на сите кралски јавни ангажмани, имаа време да се дружат со благородништвото далеку од љубопитните очи на јавноста.
За потсетување, Хари и Чарлс не разговараа многу во изминатите неколку месеци поради интервјуто кај Опра Винфри. Принцот Хари и Меган во тајност во април ја посетија кралицата Елизабета за првпат по повеќе од две години, откако си заминаа од Велика Британија.
Пред да дојдат се сретнаа со Чарлс. Експерт за кралското семејство, Ричард Кај, за Daily Mail ја објасни средбата на Чарлс со синот и снаата и рече дека синот на кралицата одвоил 10 до 15 минути за да разговара со нив.
„Хари и понатаму остана миленик на кралицата. Отсекогаш знаел да ја насмее и тоа ѝ се допаѓа кај него“, рече Кај.