Принцот Филип, сопругот на британската кралица Елизабета Втора, кој минатата недела почина на 99. годишна возраст, ќе биде погребан денес, а церемонијата поради епидемиолошките мерки, ќе се случува само во присуство на најблиските членови од кралското семејство.
Церемонијалниот кралски погреб ќе се одржи во капелата „Свети Џорџ“, која се наоѓа во дворецот Виндзор. Погребот ќе се одржи во 15 часот според британско летно време, односно 16 часот по средноевропско време, а ковчегот ќе биде донесен со модификуван автомобил „ленд ровер“, за чиј дизајн допринел самиот војвода.
Настанот ќе се пренесува на телевизија. Принцот Филип, наводно барал погребот да се одржи во мирна атмосфера и неговиот ковчег нема да биде јавно изложен за луѓето да можат да го видат. До самиот погреб, неговото тело ќе биде положено во приватна капела во замокот.
Ковчегот на војводата од Единбург, ќе биде замотан во неговото лично знаме. Исто така покрај ковчегот ќе биде положен венец со цвеќе. Принцот ќе има церемонијален погреб, наместо државен. Разликата е во тоа што, државните се резервирани за монархите.
Како за пример, воениот премиер Винстон Черчил имал државен погреб. Мајката на кралицата Елизабета Втора, имала церемонијален погреб во 2002 година, исто како и Дајана, принцезата од Велс во 1997 година.