Принцот Хари го тужи „Асошиејтед њузпејперс“ за клевета

Принцот Хари го тужи за клевета еден од најголемите британски издавачи на веници „Асошиејтед њузпејперс“, поради текст во кој стои дека тој се обидел да ги сокрие деталите од својата правна битка чија цел е повторно да добие полициска заштита.

Внукот на британската кралица Елизабета Втора и неговата американска сопруга Меган Маркл го напуштија кралското семејство во 2020 година и започнаа нов живот и кариери во Лос Анџелес. Двојката од тогаш користи приватно обезбедување.

Неговите адвокати во јануари рекоа дека тоа не е доволно за безбедноста на нивните клиенти да биде на ниво за време на нивната посета во Британија и дека Хари сака сам да си ја финансира полициската заштита.

Хари го тужи и весникот „Меил он сандеј“, поради текст објавен на 20 февруари во кој пишува дека Хари барал налог за доверлив документ и изјава од сведок за овој случај, открива извор запознат со ситуацијата.

Портпаролот на Хари објави дека принцот го тужи „Асошиејтед њузпејперс“, издавачот на „Дејли мејл“ и весникот „Меил он сандеј“, но не изнесе детали за тоа за кои од текстовите ги тужи и зошто. Од „Асошиејтед њузпејперс“ одбиле да дадат каков било коментар или информација.

Војводата и војвотката од Сасекс се преселија во Калифорнија пред две години за да водат самостоен живот. Хари претходно рече дека се повлекол од своите кралски должности затоа што британскиот печат му вршел притисок и му го уништувал неговото ментално здравје.

За потсетување, Меган минатата година ја доби тужбата против весникот „Меил он сандеј“, чии уредници објавија делови од нејзиното рачно напишано писмо кое во 2018 година го испратила на нејзиниот татко во САД, Томас Маркл.

 

 

Scroll to Top