Принцот Хари, војводата од Сасекс и неговиот брат и престолонаследник принцот Вилијам се сретнаа на погребот на нивниот вујко, лорд Роберт Фелоус, објавија денеска британските медиуми.
Принцот Хари тајно отпатувал во Англија на погребот на неговиот 82-годишен вујко, објави британски „Мирор“.
На погребот што се одржа вчера во Норфолк присуствуваа и двајцата браќа кои не разговарале меѓу себе од погребот на нивната баба, англиската кралица Елизабета Втора во 2022 година.
Како што наведуваат извори за весникот „Сан“, браќата се однесувале „дискретно“ еден кон друг.
Друг извор изјавил дека не биле забележани како разговараат меѓу себе и дека се држеле на дистанца.
Претходно беше најавено дека принцот Хари нема да присуствува на погребот поради безбедносни причини, како и поради стравувањата дека неговото присуство може да доведе до непријатна ситуација доколку присуствува и Вилијам.