Американскиот водител Рајан Сикрест тврди дека не ја вознемирувал сексуално поранешната асистентка Сузи Харди. Тој вели дека таа повеќепати се обидела да изнуди пари од него, па откако не успеала, го нападнала со лажни обвинувања. Сикрест и Харди неколку месеци се во спор околу наводната сексуална злоупотреба.
„Личноста која ме обвини за разни ужасни работи се обиде да го наплати својот молк и повеќепати ми бараше пари. Одбив да платам. Работев напорно за да стигнам до мојот сегашен успех и не сакам да земам што било здраво за готово. Не сакам да ја обвинам дека не ја кажува вистината, но во овој случај немам избор и морам да ги негирам тврдењата против мене“, рекол Сикрест.
Харди возврати со објавување детали за малтретирањето на кое била изложена. Таа го обвини водителот дека се шетал пред неа во долна облека, недолично ја допирал а еднаш силно ја удрил. Таа изјави дека сакала да ја задржи работата, оти е мајка на која ѝ требаат пари за да ги издржува, но дека била згрозена од односот што го имал кон неа.