Супермоделот Џиџи Хадид и пејачот Зејн Малик ја раскинаа шестгодишната врска, а нејзината мајка Јоланда го обвини за физички напад. Таа тврди дека Малик ја удрил за време на нивната расправија, пренесуваат странските медиуми.
Јоланда Хадид планира да го пријави случајот во полиција, иако пејачот негира дека се случило такво нешто. Тој во својата изјава за странските медиуми потврди дека се расправале, но не и дека ја нападнал. Тој одби да сподели повеќе детали околу настанот.
„Се надевам дека Јоланда ќе ги преиспита своите лажни обвинувања и ќе се насочи кон решавање на овие семејни проблеми во приватност“, изјави тој.
Покрај ова, Малик се огласи и на социјалните мрежи за контроверзната ситуација.
„Како што сите знаете, јас сум приватна личност и сакам да направам приватна и безбедна околина каде би растела мојата ќерка. Место каде што приватните семејни проблеми нема да бидат достапни за јавноста да ги коментира. Обидувајќи се да го заштитам тој простор за ќерка ми се согласив да не ги оспорувам гласините кои потекнуваат од расправија што ја имав со член на семејството на мојата партнерка, кој влезе во нашиот дом пред неколку недели додека таа не беше дома. Ова беше и уште е приватен проблем, но изгледа дека сега има поделба, и покрај моите обиди да ја вратам мирната семејна околина која ќе ми дозволи да се грижам за ќерка ми на начин на којшто заслужува. Сепак, се надевам дека сите вклучени во разменувањето погрдни зборови ќе закрепнат и, многу поважно, ќе продолжам да ја заштитувам Каи и да ѝ ја давам приватноста што ја заслужува – напиша Зејн на својот профил на Твитер.
Сепак, нивни блиски извори потврдија дека тие раскинале една година по раѓањето на нивното единствено дете.
Парот ја започна својата врска во 2015 година и раскина три години подоцна, но по кратко време тие се смирија и ја добија нивната ќерка Каи.