Светската популарна водителка Елен Деџенерис продолжи да го снима своето шоу и покрај големиот скандал што излезе во јавноста за нејзиното понижување на вработените.
Таа на 20 септември ја сними првата емиисја во 18. сезона. Во својата најава им се извини на вработените и се оправда дека се случувале работи за кои таа не била свесна.
Елен вели дека сака скандалот да го остави зад себе и верува дека снимањето на новата сезона ќе помине лесно. Ангажирани се низа големи ѕвезди од светот на шоубизнисот, кои ќе зборуваат убави работи за неа.
Телевизиската водителка беше критикувана во јавноста откако нејзините поранешни вработени и соработници јавно ја обвинија за начинот на кој таа ги третира.
Низата обвинувања беа премногу за нејзиниот работодавател, од компанијата WarnerMedia, да може да ги игнорира. Нејзиното шоу беше под интерна истрага на медиумската куќа, а се чинеше дека нејзиното царство, кое го градеше речиси 20 години, е пред пропаст.
Сепак, на 20 септември се одржа премиерата на новата сезона од нејзиното шоу, а водителката верува дека сè ќе помине во ред и дека оваа афера ќе заврши незабележително.
„Ако го гледате ова затоа што ме сакате, ви благодарам. Ако го гледате ова затоа што не ме сакате, добре дојдовте. Како го минавте ова лето? Моето беше одлично. Едвај чекав да се вратам во студиото, па барем и со виртуелна публика како денес. Сакам да зборувам и за обвинувањата со кои се соочив во изминатите месеци. Ги сфаќам сериозно. Се случуваа некои работи за кои јас не бев свесна и заради кои имам потреба да им се извинам на сите оние на кои влијаеја. Ова шоу го носи моето име и морам да ја прифатам таа одговорност. Ги направивме потребните промени и денес ова шоу ќе сврти ново поглавје. Сакам ова шоу да биде оној час дневно кога луѓето ќе можат да побегнат од своите проблеми, да се чувствуваат добро, да ги насмеат и сите да бидат среќни. Сакам ова да биде најдобрата сезона досега“, изјавил Елен.
Во новото шоу се очекува да гостуваат некои од светските ѕвезди како што се Ештон Качер, Крис Џенер, Кевин Харт, Џеј Лено, Кети Пери, Дајана Китон и многу други.
За потсетување, откако се открило дека Елен ги третира вработените на недоличен начин, ги понижувала, им делела откази од ракав, како на пример за изостаноци, болести или одење на погреби, јавноста се сврте против неа. Водителката вели дека имала тешка задача за да ја врати довербата на публиката назад.