Пеп Гвардиола и Кристина Сера се разведуваат, пренесува шпанскиот весник „Ел Периодико“.
Се дознава дека тренерот на Манчестер Сити и неговата сопруга се разделиле во декември минатата година. Веста ја соопштија водителките на подкастот на Мамараци – Лаура Фа и Лорена Васкез. Тврдат дека за разводот бил информиран само најтесниот круг на луѓе, а бил избегнат секаков контакт со медиумите. Тие додаваат дека засега не се знае дали Пеп и Кристина го започнале официјалниот процес на развод.
Двојката беше заедно повеќе од 30 години. Тие се запознале во 1994 година, а се венчале во 2014 година во Матадепера во близина на Барселона. Заедно имаат три деца, Марија, Мариус и Валентина. „Ел Периодико“ пишува дека врската меѓу Пеп и Кристина, и покрај разводот, е „целосно срдечна, стабилна и пријателска“.
Пеп Гвардиола честопати јавно зборуваше за врската со сопругата на прес-конференциите на Манчестер Сити и во медиумите. „Мојата сопруга е најдобра во светот во многу работи, особено во мода“, рече тој еднаш.
Двојката живее одвоено во последните пет години. Таа живееше во Барселона, а тој остана во Манчестер поради работа. Семејството на Кристина зад себе има успешна модна компанија, а странските медиуми пишуваат дека таа се вратила во Барселона токму поради работа. Сера е и писателка и по потекло е од Бразил.