Тејлор Хокинс, долгогодишниот тапанар на рок групата „Фу фајтерс“, почина на 50 години, објави бендот, кој е на турнеја во Јужна Америка. Според првите информации, Хокинс бил пронајден мртов во хотел во Богота, а се претпоставува дека починал од срцев удар.
„Семејството ‘Фу фајтерс’ е уништено од трагичната и прерана загуба на нашиот сакан Тејлор Хокинс. Неговиот музички дух и заразна смеа ќе живеат со сите нас засекогаш. Нашето срце е со неговата сопруга, децата и семејството и бараме нивната приватност да се третира со најголема почит во ова незамисливо тешко време“, напиша бендот на официјалниот твитер-профил.
„Фу фајтерс“ се на турнеја во Јужна Америка и требаше да бидат главни изведувачи на фестивалот „Естерео пикник“ во Богота, Колумбија на 25 март. Фестивалот објави соопштение на Фејсбук во кое потврди дека бендот се повлекол од тридневниот фестивал поради смртта на Хокинс.
Тапанарот свиреше 25 години во „Фу фајтерс“, а му се придружи на бендот три години по основањето, откако го замени оригиналниот тапанар Вилијам Голдсмит во 1997 година. Хокинс беше тапанар за турнеите на Аланис Морисет на врвот на нејзината слава, пред да се приклучи на „Фу фајтерс“.
„Се обидов да го добијам бројот на Дејв и му се јавив“, рече Хокинс во една прилика. „Мислев дека Аланис сака да тргне во поопуштена насока и се чинеше дека е вистинско време за скок. На Аланис не ѝ требав.“
Познат како симпатичен и енергичен шоумен, Хокинс беше најистакнатиот член на групата по основачот и фронтмен Дејв Грол, редовно појавувајќи се покрај Грол во интервјуата и играјќи улоги во видеата на бендот.
Хокинс имаше и предозирање со хероин во август 2001 година, што го стави во кома две недели.
„Само излегов од контрола за малку“, рече тој подоцна. „Отидов предалеку. Мило ми е што во тој момент ми се удри по глава“.
Хокинс беше оженет со Алисон, со која имаше три деца.