Американскиот судија Грегори Тотен го ослободи таткото на Бритни Спирс, Џејми, од обвиненијата за наводен напад врз тринаесетгодишниот син на пејачката. Според Тотен, немало доволно докази кои би укажале дека Џејми треба да одговара за наводно стореното дело.
„По увидот во предметниот материјал, можеме да соопштиме дека нема доволно докази дека господинот Спирс направил прекршок“, стои во соопштението на судот.
Џејми пред неколку недели добил забрана за приближување на децата на Бритни Спирс, поради инцидентот кој се случил на 24 август. Како што пренесуваат американските медиуми, за време на инцидентот Џејми се расправал со внукот, а малиот Шон побегнал во собата ѝ се заклучил. Џејми подоцна ја скршил вратата и го нападнал детето.
Поранешниот сопруг на Бритни Спирс и татко на Шон, го пријавил случајот во полиција и побарал забрана за негово приближување. Џејми веднаш потоа побарал да биде тргнат од позицијата старател на Бритни Спирс, за како што вели, лошата здравствена состојба. Функцијата старател до јануари 2020 година, ќе ја има непозната жена.