Откако Фејсбук, Инстаграм и Ватсап вчера не работеа неколку часа, акциите на Фејсбук на светската берза паднаа за околу 5 отсто, а Марк Цукерберг за неколку часа загуби речиси 7 милијарди долари, пренесуваат светските медиуми. Со ова неговото богатство се намали на 121,6 милијарди, а тој падна на петтото место на листата на најбогати луѓе во светот. Пазарната вредност на акциите на Фејсбук падна за повеќе од 50 милијарди долари, а компанијата од средината на септември до сега загуби 15 милијарди долари.
Иако нема официјални информации зошто трите социјални мрежи беа блокирани скоро осум часа, се претпоставува дека се појавиле проблеми со ДНС серверите (Domain Name System). Ова е систем кој им овозможува на веб-адресите да ги однесат корисници до посакуваните дестинации. Експертите за безбедност сметаат дека можно објаснување за прекинот е ненамерна грешка или саботажа.
Сето ова се случи откако Фејсбук беше обвинет дека го става профитот пред безбедноста, а внатрешна истрага откри дека Инстаграм, како платформа на Фејсбук, негативно влијаела на тинејџерките.
Откако Фејсбук почна да работи, од компанијата се извинија за непријатностите што ги доживеале нивните корисници на глобално ниво.
„Извинете за денешниот прекин – знам колку се потпирате на нашите услуги за да останете поврзани со луѓето за кои се грижите“, напиша Зукерберг откако Фејсбук почна да работи.
Слични проблеми имаше и Твитер, но оттаму подоцна соопштија дека мрежата паднала поради преоптовареност заради големиот број корисници.