Глумецот Езра Милер, познат како Флеш од филмот „Лига на правдата“, предизвикал тепачка и малтретирал гости во караоке бар во Хонолулу, Хаваи. Според полицискиот извештај што го објавија американските медиуми, Милер пцуел и бил агресивен кога луѓето почнале да пеат караоке. Тој прво го грабнал микрофонот од 23-годишна девојка, па му се нафрлил на 32-годишен маж кој играл пикадо, пренесува „Гардијан“.
Сопственикот на барот барал од Милер да се смири, но актерот не го сторил тоа. Милер е уапсен и обвинет за нарушување на мирот и малтретирање. Кауцијата била одредена на 500 долари, а актерот веднаш ја платил, па полицијата го ослободила.
Не е првпат актерот да прави хаос. Во 2020 година на интернет се појавија видеа на кои се гледа како Милер дави жена во бар на Исланд.
Милер е најпознат по неговите улоги како суперхеројот Флеш во „Лигата на правдата“ и по серијалот „Фантастични ѕверови“ каде што го глуми Крединс Барбон. Филмот „Флеш“ во кој Милер повторно го глуми суперхеројот, „Ворнер брос“ неодамна го одложи за 2023 година.