Вдовицата на Коби Брајант, Ванеса, ќе ги донира 16-те милиони долари кои ги доби како отштета за објавените фотографии од телото на нејзиниот сопруг и ќерка по несреќата во 2020 година.
Коби и Џијана загинаа во несреќа по падот на хеликоптерот, а во јавноста по несреќата се појавија фотографии од нивните тела. Откако поротата ја донесе одлуката, Ванеса во првата изјава за медиумите рече дека сите пари ќе ги уплати во непрофитната приватна спортска фондација Мамба и Мамбацита, а ќе бидат потрошени за помош и развој на млади кошаркари со лоша имотна состојба. Ванеса фондацијата ја основа во сеќавање на покојниот сопруг Коби и ќерка ѝ Џијана.
Заедно со Кристофер Честер, таа го тужеше округот Лос Анџелес поради нарушување на приватноста. Честер во несреќата ја изгуби сопругата Сара и 13-годишната ќерка Пејтон.
Вработените во канцеларијата на шерифот и пожарникарите кои дошле на местото на несреќата ги направиле фотографиите, вклучувајќи ги и смртните остатоци од легендарниот кошаркар и ќерка му. Низ процесот е утврдено дека спасувачите ги покажале фотографиите на лица кои немале врска со случајот, меѓу кои и еден келнер, а еден од агентите од канцеларијата на шерифот ги испратил и на негов пријател.
Судот во Лос Анџелес пресуди 31 милион долари отштета, од кои 16 ги доби Ванеса, додека Кристофер доби 15 милиони долари.
„Кога семејството ќе изгуби некој свој има право да очекува дека кон него другите ќе се однесуваат со достоинство и почит. Луѓето од канцеларијата на шерифот во овој случај ја изневерија светата доверба. Мојата цел е да го повикам одделението на шерифот на одговорност и да спречам во иднина да се повтори вакво недолично однесување. Несреќата целосно ме скрши и не можам да ја разберам бесчувствителноста на луѓето кои ја искористија нашата приватна трагедија за сопствена болна забава“, рече Ванеса кога го подигна обвинението.