(Видео) Џони никогаш не ме удрил, ниту ме турнал по скали: Кејт Мос сведочеше во полза на нејзиниот поранешен дечко

Британската манекенка Кејт Мос, која три години беше во љубовна врска со Џони Деп, денеска сведочеше на судењето на Деп и Амбер Херд. Таа зборуваше во полза на нејзиниот поранешен дечко. Мос преку линк во живо се појави пред судот во Вирџинија и кажа дека глумецот никогаш не ја повредил додека биле во врска, како што претходно тврдеше Амбер во една од своите изјави на судењето.

Мос одговараше на прашања за карактерот на Деп, за нивната врска и раскажа за несреќата што се случила во Јамајка додека биле во врска.

„Џони не ме турна по скалите. Излегувавме од собата, а тој излезе пред мене. Дента врнеше. Како што си излегов, се лизнав по скалите и го повредив грбот. Вреснав зашто не знаев што ми се случи. Почувствував болка. Џони се врати со трчање за да ми помогне, ме крена на раце и ме однесе во собата, па викна доктор“, рече Мос пред судот.

Адвокатите на Амбер не ѝ поставија ниедно прашање на британската манекенка.

За потсетување, на почетокот на месецот, во текот на судењето, Амбер раскажа за случка од 2015 година кога Џони се скарал со нејзината сестра Витни Енрикез, па Амбер морала да ја одбрани сестра си. Херд тогаш додаде и дека таа случка ја потсетила на инцидентот меѓу Џони и Кејт за кој слушнала претходно и дека не е првпат Деп да турне некого по скали.

Мос и Деп се забавуваа од 1994 до 1997 година, кога важеа за најубавата двојка во Холивуд.

Scroll to Top