За време на неговото гостување во ток-шоуто на Стивен Колбер, Мет Дејмон го најави документарниот филм Kiss the Future, кој се занимава со андерграунд музичката сцена во воено разурнато Сараево. Режија на Ненад Чичин Шаин, сценарио на Чичин-Шаин и Бил Картер, продуцирани од Дејмон, Бен Афлек и Сара Ентони. Во филмот се појавува и Боно Вокс, кој потсети на легендарниот концерт на U2 во Сараево.
„Приказната е неверојатна. За Сараево пред 30 години и опсадата на Сараево. Еден од начините на кои луѓето се справија со таа опсада беше музиката и уметноста. Тие одбија да бидат дефинирани според ситуацијата во која се нашле. Ја користеа музиката како алатка на отпорот. Преку таа неверојатна приказна се поврзаа со бендот U2 кој се обиде да го задржи фокусот на нивните приказни. Тоа е филм за односот на бендот со тој град, но и за музиката воопшто и победата на светлината над темнината“, рече Дејмон.
Дејмон исто така зборуваше за филмот во интервју за „Си-ен-ен“.
„Веднаш знаевме дека ја имаме вистинската приказна, луѓето кои ќе работат на тоа, и веднаш стапивме во контакт со бендот (U2) кој ја поседуваше видео снимката од тој концерт. Тие ни ја испратија и ни рекоа дека не сакаат да биде уште еден филм за нив како бенд, но да биде за жителите на Сараево“, рече тој на новинарката Кристијане Аманпур, која исто така го промовираше филмот на нејзините профили на социјалните мрежи.