Поранешниот американски претседател, Барак Обама, во саботата го прослави својот 60-ти роденден. Тој направи забава на островот Mартас Винејард, а некои од гостите открија како Обама се забавувал, танцувал, но и испил некоја чашка повеќе алкохол.
Во изминатиот период медиумите пишуваа за забавата што тој ја планира и на која сакаше да покани повеќе од 500 гости. Тој наиде на голем број критики затоа што планирал забава со толкав број луѓе во време кога пандемијата на коронавирусот станува сѐ поголема.
Обама потоа ја откажа забавата, но приреди помала, само со семејството и блиските пријатели.
Порталот „E! Њуз“ пренесува дека меѓу познатите биле пејачот Џон Леџенд со сопругата Криси Тајген, кошаркарот Двејн Вејд со сопругата, актерката Габриел Јунион, актерот и режисер Бредли Купер со ќеркичката, режисерот Стивен Спилберг, актерот Дон Чедл и пејачката Ерика Баду.
Актерот Том Хенкс и сопругата Рита Вилсон исто така биле поканети.
Иако било забрането објавување фотографии и видеа од забавата, Баду пренела дел од атмосферата на „Инстаграм“. На видеото Обама танцува, а музичарот Х.Е.Р. и раперот Трап Бекам, кој настапил со TJ Чепмен, исто така објавиле фотографии од забавата, кои набргу биле избришани.
ТЈ открил дека Барак Обама во вакво издание не се гледа често.
„Никогаш нема да го видите Обама во вакво издание во вашиот живот. Ваков Обама никој никогаш не го видел. Тој беше пијан. О, боже“, изјавил тој за поранешниот претседател.
Инаку, забавата била тематска, а темата била – Хаваи. Гостите носеле хавајски кошули и фустани и добиле свежи цветни ѓердани. Имало неколку шатори, маси, гарнитури за седење, голем подиум за танцување и голема сцена, како и маски за лице, бејзбол-капи, салфетки и натписи со шаблонот „44×60“.