(Видео) Жан-Клод Ван Дам му испрати порака на Владимир Путин: Сакам да бидам амбасадор на мирот

Холивудскиот актер Жан-Клод Ван Дам испрати необична порака во која ја изразува својата желба да ја посети Русија и да стане „амбасадор на мирот“. Во видеото, кое на Телеграм го објави Дијана Панченко, проруска новинарка родена во Украина, Ван Дам директно му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин.

„Здраво, господине Владимир Путин, како сте? Ако сакате, наскоро ќе бидеме во Русија. Ајде да го направиме тоа“, изјави Ван Дам, нудејќи се себеси како „амбасадор на мирот“. Тој додаде: „Нема да зборувам за политика. Само за мир, спорт и среќа. Ве сакаме. Голем бакнеж до Русија, Путин и неговото семејство“.

Според Скај њуз, повеќето познати јавни личности му свртеле грб на Путин по инвазијата на Украина во 2022 година, но неколку сè уште го поддржуваат. Најистакнат меѓу нив е американскиот актер Стивен Сигал, кој присуствуваше на инаугурацијата на Путин минатата година.

Ван Дам и Путин се познаваат со години. Актерот беше виден со рускиот претседател на настан за боречки вештини во Санкт Петербург во 2007 година, а во 2010 година седна до него на ММА настан во Сочи. И двајцата споделуваат страст за боречки вештини.

Scroll to Top