Еден од најпознатите латинозаводници од мексиканските сапуници, Вилијам Леви, минува низ тежок период во животот.
Според пишувањата на порталот Infoglitz, актерот останал без своите два луксузни автомобила, „масерати“ и „ферари“, а неговите пријатели тврдат дека се наоѓа на работ на банкрот.
Сѐ почнало кога пред неколку години Леви одлучил дека статусот ѕвезда од сапуници не му е доволен, па почнал да гради кариера во Холивуд.
Тоа не минало баш како што планирал, а застојот во кариерата и луксузниот начин на живеење се одразиле и на неговата финансиска состојба.
„Веќе со години не добил адекватна улога. Мислел дека му е под чест да глуми во сапуници, а во Холивуд не успеал да се пробие. Мислел дека целиот свет е негов, а сега мора да ја проголта гордоста и да заработува за живот“, вели извор близок до актерот за мексиканските медиуми.
Дури и кога пристигнал во Америка, Леви наводно бил пребирлив со улогите.
„Додека бил на врвот на кариерата, се расфрлал со пари, а кога пристигнал на Мајами, одбивал улоги. Се срамел од својата глума во сапуниците. Сакал холивудски филмови, но проектите во кои глумел не биле забележливи“, дополнува изворот.