Организаторите на наградите Златна малина, кои ги избираат најлошите филмови на годината, ја поништија годинашната специјална награда посветена на Брус Вилис, откако неговото семејство соопшти дека славниот актер се бори со афазија и дека се откажува од актерството, пренесе „Дејли мејл“.
„По долго размислување и разговор, Златна малина одлучи да ја укине наградата што му беше доделена на Брус Вилис, по неодамна објавената дијагноза“, пишува во соопштението на организаторите.
Овогодишните организатори на Златна малина го номинираа Вилис со осум негови филмови во категоријата што годинава го носеше неговото име „Најлошата изведба на Брус Вилис во филм од 2021 година“. На крајот, беше одлучено дека неговата улога во филмот „Вселенски грев“ е најлошата што ја имал во кариерата.
Два дена по Златните малини и еден ден по Оскарите, семејството на Вилис објави дека тој се повлекува од глумата поради дијагностицирана афазија. Афазија е болест која најчесто се појавува како резултат на мозочен удар, а лицето ја губи способноста на јазикот, односно не може гласно да го каже тоа што го мисли и да го користи јазикот како пред болеста. Семејството на Вилис кажа дека тој се соочува со одредени здравствени проблеми кои се одразиле на неговите говорни и когнитивни способности. Изјавата беше потпишана од неговата сегашна сопруга Ема, поранешната сопруга Деми Мур и сите негови деца.