„Алказар Енерџи Партнерс“ ја затвори финансиската конструкција за Ветерниот парк Штип – инвестиција вредна 180 милиони евра

Првата фаза ќе има инсталирана моќност од 131,25 мегавати и треба да биде целосно оперативна до 2028 година. По завршувањето на трите планирани фази, целиот ветерен кластер ќе достигне моќност до 396 мегавати.

„Алказар Енерџи Партнерс“ обезбеди финансиско затворање за изградбата на ветерниот парк „Штип“, најголемиот проект за производство на електрична енергија од ветер досега развиен во Северна Македонија.

Првата фаза претставува инвестиција од 180 милиони евра и ќе опфати изградба на 21 ветерна турбина, секоја со поединечна моќност од 6,25 мегавати. Со тоа, ветерниот парк ќе располага со вкупна инсталирана моќност од 131,25 мегавати.

Од компанијата очекуваат проектот да биде целосно пуштен во употреба до 2028 година и годишно да произведува доволно чиста електрична енергија за снабдување на повеќе од 148.000 домаќинства.

Обезбедени повеќе од 115 милиони евра

За реализација на проектот е обезбеден пакет од повеќе од 115 милиони евра приоритетно должничко финансирање. Средствата ги обезбедуваат Европската банка за обнова и развој – ЕБОР, Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ и „Ерсте груп банк АГ“.

Дополнително, „Шпаркасе банка АД Скопје“ обезбедила посебна локална кредитна линија за финансирање на данокот на додадена вредност.

Според „Алказар Енерџи Партнерс“, затворањето на финансиската конструкција претставува значаен чекор за финансирањето на обновливите извори на енергија во Западен Балкан и потврда за довербата на меѓународните финансиски институции во македонскиот енергетски сектор.

Проектот има обезбедено долгорочен договор за откуп на произведената електрична енергија со меѓународна корпорација со инвестициски кредитен рејтинг. Од компанијата посочуваат дека ветерниот парк се развива врз основа на приватен договор за откуп, без потпирање на државна финансиска поддршка.

Повеќе од 300 работни места и значително намалување на емисиите

Според процените на инвеститорот, ветерниот парк ќе спречува емисија на до 573.000 тони јаглерод диоксид-еквивалент годишно.

Во текот на изградбата и работењето на проектот се очекува да бидат ангажирани повеќе од 300 лица. Со тоа, инвестицијата треба да донесе економски придобивки за Штип и за околните општини, како и нови можности за локалните компании, изведувачи и работници.

Покрај производството на чиста електрична енергија, проектот треба да придонесе за зголемување на домашните производствени капацитети, намалување на зависноста од увоз и зајакнување на енергетската сигурност на државата.

Ветерен кластер со моќност до 396 мегавати

Ветерниот парк „Штип“ е првата од трите планирани фази во рамките на поширок кластер на ветерни електрани што ќе се простира на територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш, на приближно 75 километри југоисточно од Скопје.

По целосното завршување, кластерот треба да достигне вкупна инсталирана моќност до 396 мегавати и повеќе од четирикратно да го зголеми вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија од ветер во Северна Македонија.

„Алказар Енерџи Партнерс“ најавува дека подготовките за изградба на следните фази се во тек и дека нивната реализација би можела да започне во наредните месеци.

Проектот е дел и од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, промовирана на климатската конференција КОП28. Неговата реализација треба да ја поддржи заложбата за постепено намалување на производството на електрична енергија од јаглен и усогласувањето со европските стандарди за обновлива енергија.

Калдерон: Заеднички успех на сите партнери

Коосновачот и управувачки партнер на „Алказар Енерџи Партнерс“, Даниел Калдерон, изрази благодарност до Владата, локалните партнери, кредиторите и инвеститорите за поддршката во реализацијата на проектот.

Според него, финансиското затворање ќе ѝ овозможи на компанијата да продолжи со планираните инвестиции, да обезбеди чиста и достапна електрична енергија и да отвора нови работни места.

„Без поддршката во изминатите неколку години, овој проект денес немаше да биде во изградба“, истакна Калдерон, додавајќи дека компанијата очекува дополнително продлабочување на соработката и нови инвестиции во Северна Македонија.

ЕБОР и ИФЦ: Значаен чекор за енергетската транзиција

Управниот директор за одржлива инфраструктура во ЕБОР, Хари Бојд-Карпентер, оцени дека финансиското затворање претставува значаен исчекор за енергетската транзиција на Северна Македонија.

Тој нагласи дека проектот ќе го зголеми домашното производство од обновливи извори, ќе ја зајакне енергетската сигурност и ќе придонесе кон остварување на целите за декарбонизација.

Директорката на ИФЦ за Западен Балкан и Јужен Кавказ, Вибке Шлемер, истакна дека сигурната и достапна енергија е од суштинско значење за економската конкурентност и вработувањето.

Според неа, инвестицијата ќе помогне во привлекувањето приватен капитал и во задоволувањето на сè поголемите потреби за електрична енергија на современата економија, особено во услови на забрзан развој на дигиталните технологии и центрите за податоци.

Поддршката за проектот ја потврди и Маркус Криглер од „Ерсте груп“, кој оцени дека инвестицијата ќе придонесе за зголемување на домашното производство на чиста енергија, регионалната енергетска сигурност и одржливиот економски раст.

Мицкоски: Вкупната инвестиција ќе достигне околу половина милијарда долари

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на терен веќе се гледаат градежните активности и почетокот на поставувањето на производствените капацитети.

Тој посочи дека целата инвестиција, по завршувањето на сите планирани фази, ќе достигне вредност од околу половина милијарда долари.

Според Мицкоски, инвеститорот има и дополнителни планови за вложување во земјата, а Владата ќе продолжи да ги поддржува проектите кои го зголемуваат домашното производство на електрична енергија, привлекуваат странски капитал и придонесуваат за раст на македонската економија.

Портфолио од повеќе од три гигавати

„Алказар Енерџи Партнерс“ е независен управувач со инфраструктурни фондови, насочен кон инвестирање и развој на големи капацитети за обновлива енергија на пазарите во развој.

Од 2014 година компанијата управува со два инвестициски фонда. Преку првиот фонд биле мобилизирани приближно 750 милиони американски долари за ветерни и соларни проекти, додека вториот фонд во мај 2024 година достигнал конечен износ од 490 милиони долари и се очекува да мобилизира околу две милијарди долари.

Компанијата обединува јавни и приватни инвеститори од Северна Америка, Европа, Азија и Блискиот Исток, а нејзиното портфолио од проекти во развој и изградба надминува три гигавати.

Scroll to Top