Божиновска: Новите енергетски коридори ја зајакнуваат улогата на Македонија во регионот – ВИДЕО

На вториот регионален состанок на министрите за енергетика во Белград, министерката Сања Божиновска со колегите од Србија, Грција и Бугарија разговараше за конкретни чекори за поголема енергетска сигурност и подобро поврзување на земјите во регионот.

Во фокусот беа развојот на нови коридори, диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, како и поефикасното користење на постојната енергетска инфраструктура. Министрите разговараа и за поврзувањето на гасните и електроенергетските системи.

Според Божиновска, вклучувањето на Македонија во Вертикалниот гасен коридор создава можност за нов правец на снабдување преку Грција. Во тој контекст, значајни се и гасните интерконектори со Грција и Србија, кои треба дополнително да ги поврзат енергетските мрежи.

На состанокот беше разгледан и коридорот Исток–Запад, поврзан со развојот на електроенергетската инфраструктура и прекуграничната размена на електрична енергија. Поголемата поврзаност, според министерката, треба да придонесе за поотпорен регионален енергетски систем.

„Македонија станува важна енергетска врска во регионот“, порача Божиновска.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Scroll to Top