Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска присуствуваше на официјалното одбележување на успешното финансиско затворање на проектот „Ветерен парк Штип “, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски, претставници на инвеститорот Alcazar Energy Partners, финансиските институции и други претставници на институциите и приватниот сектор.

Успешното финансиско затворање претставува една од најважните пресвртници во реализацијата на овој значаен енергетски проект, со што се создадени договорните и финансиските предуслови за преминување во следната фаза на неговата реализација.

Министерката Божиновска порача дека ваквите инвестиции се доказ дека енергетската иднина на државата не се создава со декларации, туку со конкретни проекти, сериозни партнерства и институции кои имаат јасна насока.
„Енергетската независност не се прогласува. Таа се гради. Се гради со нови производствени капацитети, со одговорни инвестиции, со знаење и со институции што имаат јасна насока. Се гради со одлуки чија вредност нема да се мери само денес, туку и во децениите што доаѓаат“, истакна Божиновска.
Ветерениот парк ќе произведува чиста електрична енергија , ќе се создадат повеќе од 300 работни места и значајни можности за локалните и регионалните компании.
Министерката посочи дека улогата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е многу поширока од институционална поддршка на поединечни проекти.
„Нашата работа е да ја поставиме насоката на енергетскиот развој, да обезбедуваме институционална координација, да ги поврзуваме потребите на економијата со можностите на енергетскиот систем и во секоја одлука да го чуваме јавниот интерес. Министерството мора да биде двигател на развојот и чувар на јавниот интерес“, нагласи Божиновска.
Таа истакна дека една од клучните обврски на институциите е создавање стабилен и предвидлив инвестициски амбиент, во кој сериозните инвеститори ќе имаат јасни правила, правна сигурност и професионален институционален партнер.
„На сериозните инвеститори треба да им обезбедиме јасни правила, професионален однос и ефикасно постапување во рамките на нашите надлежности. Тоа значи институции кои знаат што сакаат да постигнат и законска рамка која создава сигурност за долгорочни инвестиции“, порача министерката.
Во таа насока, Божиновска потенцираше дека Министерството продолжува со воспоставување и унапредување на законската и регулаторната рамка за енергетскиот сектор, со цел Македонија да биде земја во која инвеститорите можат да планираат долгорочно, а енергетските проекти да се реализираат ефикасно, транспарентно и во согласност со највисоките стандарди.
„Ќе се залагаме за поефикасни постапки, но не и за пониски стандарди. Ќе ги поттикнуваме инвестициите, но ќе инсистираме тие да бидат одговорни кон просторот, животната средина и локалните заедници“, истакна Божиновска.
Министерката нагласи дека успешната реализација на големите енергетски инвестиции бара вистинско партнерство меѓу Владата, ресорните институции, инвеститорите, финансиските партнери, операторите на системот и локалните заедници.
Токму координацијата меѓу сите институции и јасната определба за создавање услови за развој се клучни за реализација на проекти кои носат нови производствени капацитети и ја зајакнуваат енергетската сигурност на државата.
„Ниту еден голем енергетски проект не треба да го гледаме изолирано. Новите производствени капацитети мора да ги планираме заедно со развојот на мрежата, можностите за складирање енергија и потребите за сигурно управување со системот. Нашата цел не е само да имаме повеќе инсталирани мегавати. Нашата цел е тие мегавати да бидат дел од посилен и поотпорен електроенергетски систем“, рече Божиновска.
Таа додаде дека енергетската транзиција мора да донесе конкретна вредност и за локалните заедници – преку нови работни места, ангажман на домашни компании, можности за инженери и стручни кадри и создавање нови перспективи за младите.
„Македонија треба да биде земја во која природниот потенцијал станува производствена сила, инвестициите стануваат развој, а развојот станува подобар живот“, порача министерката.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на создавање стабилна, модерна и предвидлива енергетска политика, која ќе обезбеди услови за нови инвестиции, развој на домашните енергетски капацитети и зајакнување на енергетската сигурност на државата.






