Димитриеска Кочоска од Вашингтон: Стабилни финансии и силни реформи во партнерство со ММФ

Во рамки на посетата на Вашингтон, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со извршниот директор на Меѓународен монетарен фонд, Јерон Клик, на која во фокус беа економските политики и реформските процеси што ги спроведува државата.

На средбата, како што посочи министерката, била испратена јасна порака дека клучен приоритет за Владата останува зачувувањето на макроекономската стабилност и стабилноста на јавните финансии. Овие сегменти, според неа, претставуваат темел за забрзан и одржлив економски раст, особено во услови на глобални економски неизвесности.

Димитриеска-Кочоска истакнала дека институциите се силно посветени на фискална консолидација, подобрување на дисциплината во управувањето со јавните средства, како и одржување на високо ниво на капитални инвестиции кои ќе ја поддржат економијата. Во исто време, нагласила дека внимателно се следат глобалните економски предизвици со цел навремено да се реагира на потенцијалните ризици.

Посебен акцент бил ставен на поддршката од Меѓународен монетарен фонд, која, според министерката, има значајна улога во спроведувањето на реформите и јакнењето на институционалните капацитети во земјата.

Крајната цел, како што потенцирала, е изградба на стабилна економија што ќе обезбеди сигурност за граѓаните и предвидлива деловна средина за бизнис секторот, што е предуслов за долгорочен економски развој.

Scroll to Top