Во рамки на деветтото издание на „Џез фактори фестивал“, кој годинава се одржува во Битола, Скопје, Демир Хисар и Охрид, директорот и основач на фестивалот Сашо Поповски заедно со гости од регионот остварија прием кај градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

На средбата присуствувале и директори на сродни фестивали од Србија и Црна Гора, со што дополнително се зајакнува регионалната културна соработка. Од страна на организаторите било истакнато дека фестивалската програма обединува концерти, едукативни содржини, промоции на книги и професионални средби, создавајќи динамичен простор за развој и афирмација на џез културата.

Годинашното издание на „Џез фактори фестивал“ носи силен меѓународен карактер, со учество на уметници од Франција, Израел, Австрија, Албанија, Унгарија, Полска, како и од Црна Гора, Србија и Северна Македонија.
Организаторите потенцирале дека фестивалот не претставува само серија концерти, туку културно движење кое ги поврзува градовите и создава нови можности за соработка и развој на уметничката сцена.
„Џез фактори фестивал“ се реализира под покровителство на Општина Битола и Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, што дополнително ја потврдува неговата важност на културната мапа во регионот.


