Ламборџини Хуракан, возилото што компанијата „Ламборџини“ му го подари на папата Франциско во 2017 година, викендов беше продадено на аукција за 715 илјади евра. Парите добиени од аукцијата ќе бидат дадени во хуманитарни цели.
Аукцијата се одржа во Монте Карло. Првично се предвидуваше дека колата ќе се продаде за цена помеѓу 250.000 и 350.000 евра. Аукциската куќа не објави кој го купил уникатното возило. Кога папата Франциско го доби ова возило, го благослови автомобилот и се потпиша на него. Уште тогаш веднаш најави дека парите од продажбата ќе одат во хуманитарни цели.
Специјалниот модел на „ламборџини“ е направен во одделението за персонализација на италијанскиот произведувач. Автомобилот е бел со златно жолти детали во чест на државните симболи на Ватикан.