7 причини зошто е добро да танцувате

Една од најдобрите физички активности за нашиот организам е танцувањето. Покрај телесните придобивки, како што се зајакнувањето на коските и мускулите и одржувањето на добрата функција на скоро сите органи, танцувањето има и неверојатни психички и ментални придобивки. Тоа ја зајакнува меморијата, го задржува младешкиот дух и го поттикнува доброто расположение.

Ова се 7 причини зошто танцувањето е добро за нас.

1. Ги согорува калориите. Танцувањето е одлична вежба за целото тело и се проценува дека со практикувањето на оваа физичка активност се согоруваат од 10 до 20 калории во минута, во зависност од брзината и интензитетот на движењата.

2. Ја чисти крвта. Истражувањата покажале дека со помош на танцувањето се намалува нивото на лошиот холестерол во крвта, а се зголемува нивото на добриот. Дијабетичарите преку танцувањето можат да ја одржуваат рамнотежата и да го контролираат нивото на шеќерот во крвта.

3. Ги зајакнува коските и зглобовите. Помага во превенцијата и лечењето на остеопорозата и артритисот. Танцувањето е една од најдобрите и најпријатните физички активности кои ќе ги зајакнат нашите коски и зглобови.

4. Ги одржува мозочните клетки во форма. Танцувањето ја подобрува нашата меморија. Секоја кореографија бара од нас да ги запомниме чекорите и рутините, па затоа оваа физичка активност е одлична ментална вежба за мозокот.

5. Ја чува нашата младост. Не е тајна дека танцувањето го забавува процесот на ментално и физичко стареење. Со танцувањето го зголемуваме капацитетот на белите дробови, го зајакнуваме кардиоваскуларниот систем и срцето, а нашиот ум не дозволува духот да остари.

6. Ги зацврстува односите и зближува. Танцувањето со пријателите е доказ дека тоа е една од најдобрите форми на забава. Го подобрува нашиот социјален живот, ни дава шанса да запознаеме нови луѓе, и ни овозможува да растеме и да се зближуваме.

7. Танцувањето нѐ прави среќни. Со танцувањето се зголемува нивото на ендорфини – т.н. хормон на среќата, во нашата крв, кој го подобрува нашето расположение, ни помага ефикасно да се бориме против стресот и депресијата и нѐ полни со самодоверба.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top