Аја Софија имала долга и сложена историја пред да стане симбол на мирен соживот на верите

Светски познатиот музеј, Аја Софија, во Истанбул, повторно станува џамија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нареди едно од обележјата на Истанбул, да биде претворено во џамија, само неколку часа откако тоа му беше овозможено со судска одлука.

Аја Софија има долга и комплицирана историја. Таа била изградена како византиска црква во шестиот век, а потоа претворена во џамија откако Турците го освоиле Цариград во 1453 година. Со декрет на турскиот претседател Ататурк, во 1934 година доби статус на музеј и оттогаш важи за симбол на мирен соживот на верите. Сегашната судска одлука го поништува тоа и му даде можност на Ердоган да ја претвори во џамија за секојдневни служби.

„Како музеј, Аја Софија може да функционира како место и симбол на средби, дијалог и мирен соживот на луѓе и култури, на заемно разбирање и солидарност помеѓу христијанството и исламот. Музејот е место каде што истокот го прегрнува западот и ако се преобрати, тоа би можело да ги скрши тие два света“, изјави екуменскиот патријарх Вартоломеј Први.

Иако Ердоган кажа дека Аја Софија и како џамија ќе може да ја посетуваат туристи, УНЕСКО ја предупреди Турција да не го менува нејзиниот статус без дискусија. Таа од 1985 година се наоѓа на листата на светско културно наследство.

Аја Софија почнала да се гради во 532 година по наредба на византискиот цар Јустинијан Први и пет години подоцна почнала да функционира како црква. Со својата огромна купола, се верува дека таа била најголемата црква и зграда на светот. По освојувањето на Цариград, отоманскиот султан Мехмед Втори изградил четири минариња и во внатрешноста ги покрил христијанските икони и златни мозаици со панели со арапска верска калиграфија, претворајќи ја во џамија.

Откако повеќе од 1400 години била верски центар не само на Истанбул, туку и пошироко, Аја Софија стана музеј и најпопуларна туристичка атракција на Турција, а годишно ја посетуваат повеќе од 3,7 милиони луѓе.

Scroll to Top