Ајфеловата кула ја чека најголемото реновирање досега, ќе добие и нова боја

Ајфеловата кула ќе ја доживее најголемата обнова во својата 130-годишна историја за да биде во најдобро издание за Олимписките игри во Париз 2024 година. Меѓу другото, ќе добие и нова боја, во златна нијанса.

Не само што сите 19 претходни слоеви боја ќе бидат отстранети, туку париската икона ќе остане и без препознатливата кафеава боја, која ја носи од 1968 година. Ќе биде заменета со жолто-кафеава, која за својот споменик лично ја сакал Густав Ајфел, пишуваат франуските медиуми.

„Тоа на кулата ќе ѝ даде позлатна нијанса од бојата што досега ја гледавме, токму во време на Олимписките игри“, рекол Патрик Бранко Руиво, директор на фирмата што управува со Кулата.

Реновирањето на 324 метри високата кула, составена од 18.000 метални делови, ќе чини околу 50 милиони евра.

Отстранувањето на старите слоеви боја е ризично поради присуство на олово, па работниците мораат да ги почитуваат строгите здравствени протоколи.

Кулата добива нов слој боја на седум години, како и заштита од ветер, сонце, загадување и корозија. Активностите би требало да бидат завршени до крајот на идната година.

Scroll to Top