Американската политичарка Бетина Родригез Агилера од Мајами тврди дека ја грабнале вонземјани кога била дете. Таа се кандидира како републикански кандидат за влез во американскиот Конгрес на изборите што ќе се одржат во
ноември. Во својата кампања често ја раскажува приказната за средбата со вонземјаните. Според дел од американските медиуми, токму ова тврдење може да ѝ донесе место во Конгресот.
„Тоа се случи кога имав седум години. Ме грабнаа тројца вонземјани и ме однесоа во нивниот вселенски брод. Влегов во бродот. Таму имаше тркалезни седишта и кварцни камења со кои се контролираше бродот, но не како во авионите. Имаа светла коса и потсетуваа на ликот на Исус на ридот над Рио де Женеиро“, раскажува политичарката во своите интервјуа.
Таа вели дека од нив дознала дека Африка е центар на светската енергија, а дека во пештера на Малта има скриено триесет илјади черепи кои не се човечки. Вонземјаните ѝ рекле дека Господ е универзална енергија, а не личност.
„Тој е во сешто. Господ зборува со луѓето и тие го разбираат на различни начини, но постои само една религија“, вели Агилера.
Бетина тврди дека кога имала 17 години видела НЛО, ама и дека телепатски била во контакт со вонземјани. Иако многумина ѝ велат да престане со нејзината измислена приказна, Агилера не се откажува. Политичката кариера ја почнала како советник во Дорала, предградие на Мајами, Флорида.
„ Имам искуство. Можам сега да одам во Вашингтон и да почнам да работам како да сум таму цел живот“, рекла Агилера.