Австралиските власти ги ексхумираа останките на еден маж кој бил пронајден на плажа пред повеќе од 70 години, во обид да се реши една од најголемите мистерии во земјата. Идентитетот како и причината за смртта на таканаречениот Маж од Сомертон никогаш не се утврдени. Но, сега властите веруваат дека денешната напредна ДНК-технологија можеби ќе им помогне да го решат убиството.
Телото облечено во костум и вратоврска беше најдено на 1 декември во 1948 на плажата Сомертон во Аделаида. Првичната истрага не откри ништо и мажот беше погребан на гробиштата во Аделаида со натпис „непознат човек“.
Во изминатите децении се појавија разни теории за неговиот идентитет, од шпион од Студената војна до отфрлен љубовник.
Неколку интересни предмети пронајдени на неговото тело дополнително ги подгреваа шпекулациите низ времето. Тие вклучуваа куфер, облека со отстранети етикети и неразбирливи записи налик на код. Тој исто така држел парче искината хартија на која на јазикот фарси пишувало „Готово е“.
Овој случајот привлече големо меѓународно внимание, а беше истражуван и од бројни приватни детективи.
„Повеќе од 70 години шпекулиравме кој бил овој човек и како умрел. Решивме да го ексхумираме телото поради силен интерес на јавноста за случајот“, изјави јавната обвинителка на Јужна Австралија, Вики Чепмен.