Белградски таксист бесплатно возел 50.000 здравствени работници од почетокот на пандемијата

Белградскиот таксист Бранко Антиќ и неколку негови колеги, од почетокот на пандемијата бесплатно ги возат здравствените работници во градот. Тоа му донесе три признанија, меѓу кои и медал од претседателот Александар Вучиќ.

Антиќ за време на вонредната состојба возел околу 50.000 здравствени работници од 50 институции. Тој направил скоро 17.000 возења, а вели дека неговиот таксиметар и денес не одбројува за медицинските лица. Тој во разговорот за РТС рекол дека решил да им помогне на медицинските работници кога видел како несебично се борат со короната и даваат сè од себе да спасуваат животи.

„Јавниот превоз не работеше за време на полицискиот час. Тогаш заедно со проф. д-р Даница Грујчиќ дојдовме на идека да ги возиме бесплатно за да можат здравствените работници да се вратат дома, а потоа одморени да дојдат на работа“, рекол Бранко.

Тој додал дека акцијата немала да успее да не му се придружeле околу 150 колеги.

„Додека ги возевме го немаше оној вообичаен муабет меѓу таксистот и патникот, бидејќи лекарите беа исцрпени“, додал тој.

Антиќ за својата идеја и хуманост освои три награди: сребрен медал за заслуги што го доби од претседателот Александар Вучиќ, плакета од Министерството за труд, вработување и социјала и наградата на Град Белград за херојско дело „Деспот Стефан Лазаревиќ“.

„Ми значат наградите, но тие не се само мои, туку на сите колеги. А ние и понатаму ќе бидеме достапни на нашите сограѓани“, рекол Бранко.

Scroll to Top