Лекарите во Франција го пријавиле првиот докажан случај на пренесување на коронавирусот од бремена жена на нејзиното бебе, пишува „Гардијан“. Новороденчето имало воспаление на мозокот неколку дена по раѓањето, состојба што се појавила кога вирусот преминал преку плацентата пред породувањето. Машкото бебе сега закрепнува.
Студија, објавена во списанието Nature Communications, го следи раѓањето на неколку бебиња со Ковид-19 за кои лекарите се сомневаат дека биле заразени во утробата на мајката. Досега тие не можеа да ја исклучат можноста дека бебињата се заразиле за време или набргу по породувањето.
„За жал, во овој случај нема сомнежи за преносот“, вели првиот човек на педијатријата во болницата во Париз, Даниел де Лука.
Родилката на возраст од 23 години била примена во болницата на 24 март. Таа имала висока температура и кашлица, а била во третиот триместар од бременоста. Тестот се покажал позитивен на коронавирус.
Три дена по приемот во болницата, лекарите забележале проблеми со бебето, па бргу бил изведен царски рез. Бебето било изолирано и интубирано. Тестот бргу покажал дека бебето е позитивно на вирусот, а понатамошните истражувања покажале дека детето се заразило преку крвта на мајката во плацентата.