Отпечатоци од стапала стари 23.000 години се откриени во Ново Мексико, САД, што посочува дека луѓето го населувале северноамериканскиот континент и пред крајот на последното ледено доба. Ова откритие го поместува времето за илјадници години, за тоа кога првите жители го населиле континентот, пишува „Асошиејтед прес“.
Отпечатоците се откриени на брегот исушено езеро, кое денес е дел од пустина во Ново Мексико. Според американското списание „Сајанс“, седимент ги наполнил вдлабнатините од стапалата и се стврднал како камен, па така ги зачувал доказите за присуство на човекот. Научниците откриле и траги од мамути, праисториски волци и џиновски мрзливци, кои најверојатно биле присутни во исто време кога луѓето престојувале кај езерото.
„Се чини дека многу од трагите се од тинејџери и деца. Големите отпечатоци од возрасни се поретки“, се вели во извештајот.
Една од теориите на научниците е дека имало поделба на трудот, па возрасните биле вклучени во повисоките работни обврски, а помладите луѓе ги вршеле споредните задачи.
Во историјата, Америка важеше за последното копно до каде што стигнало човештвото. Со десетлетија, најшироко прифатената теорија беше тоа дека доселениците во Северна Америка доаѓале од источен Сибир преку Беринговиот Теснец, па продолжувале кон југ.
Населба од пред 13.500 години, поврзана со праисториската култура Кловис, која е именувана по град во Ново Мексико, се сметаше за најстарата седентарна населба. Со ова ново откритие, претходната претпоставка се доведува во прашање. Новите тези говорат дека ова копно веројатно било населено и пред крајот на последното ледено доба, кое завршило пред 20.000 години.
Fossilized footprints discovered in New Mexico indicate that early humans were walking across North America around 23,000 years ago. The footprints were found in a dry lake bed in White Sands National Park. https://t.co/stkcm9uz4J
— The Associated Press (@AP) September 23, 2021