Астрономите забележале чудни радиобранови што доаѓаат од средиштето на Млечниот Пат. Според нова студија, забележаниот енергетски сигнал не е како другите досега проучени феномени и сугерира на претходно непознат ѕвезден објект, пренесува Си-ен-ен.
Житенг Ванг, автор на новата студија во „Астрофизикал џурнал“, открива дека светлината на објектот значително варира, а неговиот сигнал постојано се вклучува и исклучува.
„Најчудното својство на овој нов сигнал е неговата висока поларизација. Тоа значи дека неговата светлина осцилира само во една насока, но таа со текот на времето ротира“, вели Ванг.
Првично тимот на Ванг мислел дека се работи за сигнали од пулсар – тип на мртва неутронска ѕвезда која бргу се врти, или ѕвезда што емитува големи соларни бранови. Сепак, сигналот емитуван од овој нов извор на радиобранови не се совпаѓа со наведените примери на астрономите.
Променливиот објект бил именуван АСКАП Ј173608.2-321635 по координатите на кои се наоѓа на ноќното небо.
„Ѕвездениот објект е уникатен по тоа што почна да емитува сигнали и беше невидлив, потоа стана осветлен, па исчезна, за потоа повторно да се појави. Ова однесување е извонредно“, вели Тара Марфи, професорка на Институтот за астрономија во Сиднеј.
Објектот првично бил забележан со помош на австралискиот радиотелескоп „Патфајндер“ во Западна Австралија. Дополнителни набљудувања биле спроведени со радиотелескопот „Паркс“ во Нов Јужен Велс и со телескопот на јужноафриканската радиоастрономска опсерваторија „Меер КАТ“, но не успеале да го лоцираат изворот на објектот.