Количеството чад што се внесува во белите дробови од едно испушено наргиле е еднакво на 100 цигари – посочува бугарскиот пулмолог Софија Ангелова.
Многумина сметаат дека пушењето наргиле е помалку штетно од конвенционалните цигари, па претпочитаат да веруваат во тоа со цел да ја смират својата совест за уништувањето на своето здравје. Сепак, науката смета дека тоа е само мит.
– Пушењето наргиле е всушност многу поштетно од цигарите бидејќи количеството чад што се внесува во белите дробови од едно испушено наргиле е еднакво на 100 цигари – посочува бугарскиот пулмолог д-р Софија Ангелова во интервју за БТВ.
Едноставно, нема нештетно пушење! Што и да се пуши, ние внесуваме токсични материи кои може да доведат до хронични белодробни заболувања и тоа сериозно да му наштети на пушачот. Апсолутна заблуда е тоа дека водата во наргилињата го филтрира чадот, нагласува натаму докторката.
Таа појаснува дека белиот дроб се развива до 25-годишна возраст.
– Дишниот систем на 14, 15, 16-годишниците сè уште не е целосно развиен. Ако еден млад човек почне да пуши, хроничното заболување е речиси неизбежно – додава таа.
Според неа, самиот пристап до наргилето треба да биде ограничен.