Швеѓанецот Александер Клерн и Норвежанката Камила Оијорд, се венчале на границата меѓу двете земји, затоа што и двајцата не можеле да ја преминат поради строгите мерки кои властите ги превземале против коронавирусот.
Двојката ги разменила заветите пред неколку дена на церемонија која се одржала на самата граница, а двајцата биле одвоени само со бела лента.
Венчавката се случила во шума во југоисточниот норвешки регион Холебек, место кое се граничи со Шведска. И двајцата изјавиле дека не можеле повеќе да ја чекаат одлуката за укинување на ограничувањата за движење.
Идејата да се венчаат на самата граница, ја предложила Камила. Таа вели дека нешто кое на почетокот изгледло како шега, на крајот им се остварило. И семејството и пријателите се согласиле на ваквата идеја.
„Не сакавме да го менуваме закажаниот датум и сакавме да се венчаме“, изјавиле и двајцата.
Клерн на новинарите им рекол дека тој и Камила не очекувале дека било кој од нивните пријатели ќе присуствува на свеченоста, со оглед на тоа дека патот бил долг и полн со дрва. На крајот се изненадиле од бројот на гостите.
Меѓу непоканетите гости биле и двајца полицајци. Тие се грижеле за тоа никој да не ја премине границата.
„Полицајците љубезно нè прашаа дали може и тие да присуствуваат на церемонијата. Секако дека се согласивме“, изјавиле младенците.