Петгодишно момче од Британија, кое било предвремено родено и без рака, за првпат во животот имаше можност да го прегрне своето братче. Џејкоб доби функционална протеза која може да ја користи како вистинска рака. Неговите родители Џема Тарнер и Крис Скримшо успеале да соберат 16.000 фунти за овој изум.
„Сега Џејкоб може да го гушне брата си и да го држи за рака“, велат неговите родители.
Во изнаоѓањето на протезата Џема и Крис помош добиле од Британецот Бен Рајан. Синот на Рајан, како и Џејкоб доживеал слична судбина. На десет години имал ампутација на раката.
Рајан подоцна ја напуштил работата како професор по психологија и ја основал компанијата „Амбионикс“ со цел да развие специјална хидраулична протеза.
Неговата компанија „Амбионикс“, која неодамна се споила со полската фирма „Глејз“, која исто така изработува протези, му подари на Џејкоб протеза. Момчето било еден од нивните први клиенти.
Желбата на семејството на Џејкоб била тој да добие совршена протеза. Лактот да може да се прилагоди на разни позиции, а раката да има механизам за фаќање.
Рајан успеал да му направи на Џејкоб вештачка рака, но она што е важно за детето е дека неговата вештачка рака е голема и зелена и изгледа како на суперхерој, велат неговите родители.
Џема вели дека прекрасно е чувството да го гледа нејзиниот син со рака. Таа вели дека момчето е навистина задоволно со новата протеза. Објаснила дека тој не сакал протеза што не е функционална, а дека вештачката рака е зелена бидејќи тој сакал да биде пооинаква од сите други.