Популарната шведска тинејџерка Грета Тунберг, која стана позната по својот активизам за климатските промени, изјави дека ќе донира еден милион евра, кои ги добила како освојувач на наградата „Гулбекијан“, што ја доделува истоимената португалска фондација.
Парите што седумнаесетгодишната Грета ги добила вели дека ќе ги донира за хуманитарни проекти кои се борат против климатската и еколошката криза.
„Екстремно сум почестена што ја освојувам оваа награда за човечност. Тоа е повеќе пари отколку што можам да замислам, но сите ќе ги донирам преку мојата фондација, и тоа на организации и проекти што им помагаат на луѓето погодени од климатската и еколошката криза“, рече Тунберг преку видеопорака.
Магазинот „Тајм“ лани ја прогласи Тунберг за личност на годината и беше номинирана за Нобелова награда за мир кога нејзиното климатско движење ги мобилизира младите и се рашири во целиот свет.