Денеска, неколку минути претпладне, во двокатен автобус „јутонг“, кој сообраќа на линијата 57, избувна пожар. За среќа, нема повредени патници, а причинета е само материјална штета, соопшти ЈСП на својата официјална фејсбук-страница.
Во соопштението што ЈСП го испрати до јавноста се вели дека автобусот бил на последната/почетната постојка во Нерези и во него немало патници.
„Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излезе на терен, при што од изјавата на возачот и од околни сведоци констатира дека пожарот избувнал во делот каде што се наоѓа моторот. Благодарение на присебноста на возачот и неговата брза реакција избегната е поголема штета. Возачот употребил два ПП-апарата, а во меѓувреме интервенирало едно противпожарно возило“, стои во соопштението.
Случајот е пријавен и во МВР и во тек е утврдување на причините за настанот.