Калуѓерката Мери Маргарет Кројпер (80) од Лос Анџелес во јуни ќе почне да ја отслужува казната затвор од една година и еден ден, откако ја обвинија за измама и перење пари. Покрај тоа, треба да плати вкупно 825.338 долари, односно да ги врати парите што ги проневерила додека била директорка на католичкото училиште Сент Пол Џејмс во Торенс, Калифорнија.
Кројпер проневерила речиси 900 илјади долари во периодот од 2008 до 2018 година, а парите ги потрошила на коцкање и други лични трошоци. Таа ги фалсификувала месечните и годишните финансиски извештаи и префрлала пари од училишната сметка на друга сметка од која се издвојувале трошоците за живот на калуѓерките кои работеле во училиштето, но си плаќала и одредени суми.
Таа се обидела да ги уништи документите кога била покрената ревизија во училиштето.
„Згрешив, го прекршив законот и нема оправдување“, рекла Кројпер на судењето, пренесува NY Post.
„Една од работите што таа ги кажала кога првпат се соочила со архиепископијата на ЛА, па дури и пред да се вклучи полицијата, било дека тоа го направила делумно и затоа што верува дека свештениците се подобро платени од калуѓерките“, вели јавниот обвинител Пунам Кумар.
Додека Кројпер трошела училишни пари, родителите морале да плаќаат по 6.000 долари годишно за школарина.
„Тоа беше злоупотреба на положбата. Таа водеше училиште во кое тие родители решија да ги испратат своите деца, а не само поради образование. Тие сакаа да добијат католичко образование поврзано со моралот и вредностите во кои веруваат и живеат. Тоа е она што го бараа на училиште. Значи, има доста родители кои се многу вознемирени и очигледно се чувствуваат доста изневерени. Имаше родители кои зборуваа за тоа како нивните деца повеќе не се поврзани со црквата“, рече обвинителот.