Полицијата поднесе кривична пријава за насилство против трите ученички во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино, кои истепаа своја соученичка. Пријава е поднесена и против лицето вработено како обезбедување во училиштето за несовесно работење.
„Полицијата поднесе известување до Основното јавно обвинителство против три малолетни лица на возраст од 13, 14 и 15 години, сите три од Неготино, ученички во основното училиште ‘Гоце Делчев’ поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело насилство“, соопшти денеска МВР.
Во врска со истиот настан поднесена е и кривична пријава против Р.А. (31) од Неготино поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата. Тој е вработен како обезбедување во училиштето, а пријавата е поднесена затоа што, како што велат од МВР, не ги извршувал дејствата што бил должен да ги врши.