„Круна“ е најдобра драма, а „Тед Ласо“ најдобра комедија на 73. доделување на наградите „Еми“. Овие две серии триумфираа вчеравечер на доделувањето на најпрестижните телевизиски награди, откако „Круна“ освои 11, а „Тед Ласо“ седум статуетки.
„Круна“ победи во сите четири драмски категории за актерите. Оливија Колман освои награда за улогата на Елизабета Втора, а наградите ги освоија и Џош О‘Конор како принцот Чарлс, Тобајас Мензис за улогата на принцот Филип и Џилијан Андерсон како Маргарет Тачер.
„Каков убав крај на најизвонредното патување со ова прекрасно семејство! Уживав во секоја секунда и едвај чекам да видам што следува понатаму“, изјави Колман кога ја доби наградата.
Сличен успех оствари „Тед Ласо“, серија која го следи животот на американски фудбалски тренер кој доаѓа во Англија за да води измислен премиерлигашки клуб. Авторот на серијата, Џејсон Судакис, е најдобар актер во комедија, а за споредна улога награди добија Брет Голдстин и Хана Вадингам.
Џин Смарт доби Еми за најдобра актерка во комедија за серијата „Хакери“.
Единаесет награди „Еми“ освои и „Дамски гамбит“, но не и главната ѕвезда на серијата Ања Тејлор-Џој.
Сепак, доделувањето на наградите „Еми“ не помина без проблеми, па откако сите главни награди ги добија бели актери, црните актери повикаа на бојкот догодина, оти немало расна еднаквост.