Два леопарда ја нападнале германската манекенка Џесика Лејдолф (36) додека снимала еротски календар. Џесика, која е познат еротски модел со уметничко име Лејди Батерфлај, се бори за живот, пренесуваат медиумите.
Настанот се случил во областа Бургенлан во источниот дел на Германија, каде што има дом за животни што порано биле во циркус. Леопардите Троја и Париз на почетокот биле мирни, но потоа ја нападнале Џесика, која се здобила со тешки повреди на главата, гребаници и исеченици по целото тело. Таа била итно префрлена во болница.
Германската полиција ги демантираше пишувањата на неколку локални медиуми дека еден од леопардите избегал по инцидентот.
„Двете животни се во нивното засолниште“, стои во соопштението на полицијата.
Германскиот таблоид „Билд“ прв ја објави приказната за инцидентот. Тие не можеа да потврдат кој го организирал снимањето, но открија дека Џесика требала да сними еротски календар во друштво на животни.
Сопственичката на локацијата каде што се случил нападот не сакала да го коментира инцидентот. Според информациите на нејзината веб-страница, животните што таа ги чува се појавиле во бројни филмови, ТВ-емисии и реклами, од „Игра на тронови“ до реклами за „бе-ем-ве“. Троја и Париз се појавиле и во реклама за плазма телевизори.
Локалните ветеринари претходно овој месец ги провериле условите во кои живеат животните и нивното однесување во домот и потврдиле дека со нив сè било во ред.